Козјак - најголемото и најбистрото вештачко езеро во Македонија

04.05.2015

Езерото Козјак се наоѓа во западниот дел од Македонија, односно во поречкиот крај. Се наоѓа на реката Треска, во нејзината Голема Клисура, на 15 км спротивно од браната на реката Треска. Бидејќи тоа нема никаква допирна точка со планината Козјак која се наоѓа во североисточниот дел на земјава, жителите можеби со право преферираат да го нарекуваат Поречко езеро. Езерото Козјак е најголемо вештачко езеро во Р. Македонија, а пред сè по вкупното количество вода. Веднаш зад него се Мавровско, Тиквешко и езерото Калиманци.

Козјак е долго 32 километри, некаде е длабоко и 130 метри, а максималното растојание од едниот до другиот брег изнесува 400 метри. Се наоѓа на идеална надморска височина од неполни 300 метри. Има најбогат рибен фонд. Основата на браната е 500 метри, а круната или врвот 310 метри. Водите на реката Треска кои го напојуваат езерото, се вбројуваат меѓу најчистите води на Балканот. Езерото зафаќа површина од 13.5 км², а акумулира 570 милиони м³ вода.

На функционалноста и атрактивноста на езерото, се надоврзува и изградбата на т.н. воден лифт, со којшто се регулира водостојот на водата во езерото. Оние што ја познаваат силата на водите на реката Треска, спокојно тврдат дека благодарение на браната, на Скопје не може да му се повтори поплавата од 1962 година, кога центарот бил претопен во езеро длабоко повеќе од 2 метри. Браната ги штити од различни метеоролошки прилики Скопје, Скопско Поле и сите зелени појаси по должината на реката Вардар. Воедно се смета и дека Козјак ќе обезбедува вода за пиење и индустриска вода во наредни 100 години.

Акумулацијата Козјак има најбогат рибен свет во Македонија. Тука се среќаваат 10 видови риби меѓу кои: кленот, виножитната пастрмка, мрената, боцкалката, попадиката, крапот, вардарката, скобустот и поточната пастрмка. Ова вештачко езеро, претставува атрактивно место за рекреативните риболовци, кои доаѓаат тука преку цела година. Риболовот е дозволен покрај целото езеро, освен во двата залива на Јасен Пеколник и Коломот, кои се претворени во привлечни плажи за посетителите.

Природниот резерват Јасен, долго време претставуваше привилегија само за политичари и угледни странски гости и затоа е сè уште многу малку познат предел во државава. Откако се отвори за јавноста, прерасна во многу атрактивно место за изградба на викенд-населби, а една од новоизградените е Близанско. Тука сè уште не е направен асфалтиран пат, што го прави начинот на превезување интересен и многу атрактивен. Излетниците ги паркираат своите автомобили над заливот кај браната, каде што ги пречекуваат паркираните таксисти, кои со чамци ги носат по езерото до нивните куќи.

Воедно, на околу 1 км над езерото се наоѓа и селото Требојве, каде што има многу луксузни куќи. Доколку сте во потрага по прекрасна недопрена природа, одличен предлог за излет е селото Белица, каде што речната вода е толку чиста, што може да се пие. Околните заливи на езерото, се претворени во прекрасни плажи, а во крајбрежните води пловат сплавови со ресторани.