Богатиот живот од римската и рановизантиската империја во Стоби

04.05.2015

Паунот на банкнотата од 10 денари е дел од најпознатите мозаици на територијата на Р.Македонија, а се наоѓа во Стоби, еден од најатрактивните антички градови кај нас. Во Стоби се вкрстувале најважните патишта во античкиот период. Во текот на Првата светска војна започнале истражувањата и тие со повремени прекини се изведуваат до денес.

Археолошкиот локалитет Стоби, кој се наоѓа на 3 км од излезот на автопатот Градско Е-75, вреди да го посетите доколку сте љубопитни и сакате да добиете еден интересен час по археологија, а доколку пак сакате само да доживеете поинакво визуелно искуство, тогаш од овој град ќе добиете прекрасен поглед на македонското централно подрачје .

Градот Стоби првпат се споменува во документите од 2 век п.н.е., но археолозите веруваат дека градот бил населен барем 400 години подоцна. Некои извори укажуваат дека градот датира пред 7 и 6 век п.н.е., а тоа го откриваат и откриените бронзени предмети кои датираат од архајскиот период, како и керамички наоди од неолитското и железното време.

Античкиот град Стоби, подигнат на сливот на Црна Река во Вардар, бил најголемиот град во римската провинција Македонија, а потоа и главен град на провинцијата Macedonia Secunda. Во тоа време претставувал значаен урбан, воен, трговски, административен и религиозен центар на римската и рановизантиската империја. Во раниот и средниот римски период градот доживеал голем подем, благодарение на добрата географска положба и трговијата со сол, како и фактот дека добил статус на муниципиум, со своја сопствена ковачница, во која започнале да се коваат монети.

Најпознат жител на Стоби е Јован кој живеел во 5 век, кој е познат како антички автор, кој составил антологија од 4 книги, во кои има литература од времето на Хомер па сè до 4 век. Благодарение на делото на Јован, до денес се сочувани извадоци од книги кои денес не постојат повеќе.

За овој период на градот, денес сведочат голем број откопани споменици со натписи и прекрасни градби. Во центарот на градот се наоѓа куќата на Перистерија, која датира од 4 и 5 век и од сите четири страни е заградена со улици. Ова е градежен комплекс за повеќе фамилии и има и простории на запад, за дуќани. Перистериината фамилија ги зафаќала просториите на јужниот дел од комплексот. Дворот, под отворено небо со големи фонтани од западната страна, е централен простор. Главните простории на куќата биле апсидални сали јужно од дворот. Во иточната сала се зачувни подните мозаици, а во средината се наоѓа фонтана изведена од мермер. За мозаичните површини во оваа куќа биле употребени тесери од стаклена паста, што им дава посебна живост на мотивите. Мозаикот, се претпотаавува дека настанал во доцниот 4 или раниот 5 век кога била подигната и самата градба.

Спроти Перистериината куќа, се наоѓа Теодосијанската палата, која е една од најлуксузните досега откриени куќи во Стоби, во која се претпоставува дека престојувал императорот Теодосиј Први, при неговата посета на Стоби во 388 година. Оваа градба има план на латинско L и излегува на три улици. Салата е опкружена со колони од северната и западната страна. Од источната страна се наоѓа базен со осум пиедестали од мермер, украсени со спирални канелури, врз кои стоеле некои од статуите што се откриени. На северната и јужната страна од дворот се наоѓаат ниски платформи, кои веројатно некогаш претставувале цветни тераси. Подот во дворот е прекриен со мермерни плочи, а перистилот со мозаици.

Амфитеатарот се вбројува во еден од најистакнатите споменици од римскиот период, кој своевремено собирал 7.600 посетители, а денес од него е останата само една половина. Интересно е тоа што на седиштата има врежани имиња на фамилии и луѓе, што значи дека реномирани граѓани на Стоби имале свои резервирани места за седење. Во 3 век од новата ера, амфитеатарот прераснал во арена за борби со гладијатори, но подоцна на ваквите сурови претстави им ставил крај царот Константин Велики.

Еден од позначајните настани во историјата на доцноантичко Стоби е формирањето на христијанската заедница. Името на првиот епископ, Будиј, е забележано во соборот на Никеја во 325 г., а од 4 век датира и старата Епископска базилика или како што уште се нарекува и Црквата на епископот Филип. Тука се најдени најраните документирани записи за христијанството во Македонија. Нејзиното внатрешно уредување е мошне рскошно, со бела мермерна пластика и мозаични патоси. Јужно од Базиликата се наоѓа крстилница, со четирилистна форма, која некогаш била покриена со купола. Подот е декориран со мозаици на кои се преставени пауни и елени. Северно од Епископската базилика, се наоѓа Епископската резиденција, која во 4 век служела како христијански ораториум.

Во средината на 5 век, Стоби го зафаќаат големи несреќи кои го означуваат и крајот на неговото постоење. Меѓу нив се, нападот на Хуните, промената на климата што негативно влијае врз земјоделството и условите за живот, како и преселбите на Словените, движењата на Аварите, Кутригурите и други племиња. Така во текот на 6 век, дошло до опустошување на градовите од Балканскиот Полуостров, меѓу кои и Стоби, кој кон крајот на векот бил целосно напуштен.

Најубав период од годината за да го посетите овој антички град со богата историја е пролетта, бидејќи поради временските услови, мозаиците се покриени во периодот од ноември до април. Во летниот период, е препорачливо да носите капа и шишенце со вода, зошто е многу топло. Додека уживате, собирајќи ги вашите впечатоци од овој интересен град, можете и да си купите статуетка од божицата Афродита.