Марков манастир–повеќевековен споменик на духовниот живот

04.05.2015

На околу дваесетина километри јужно од Скопје, во непосредна близина на селото Маркова Сушица, во долината на Маркова Река, со векови постои Марков манастир, со црква посветена на светиот велокомаченик Димитриј Мироточив, кој го добил името по неговиот ктитор, кралот Марко. Овој манастир е можеби една од најголемите градби од периодот на неговото владеење. Благодарение на својот богат духовен живот, овој книжевно-просветен центар, со непрекинат монашки живот и денес функционира како духовен храм, во кој живее женско монашко сестринство.

Ова е едно од најпривлечните излетнички места во околината, а она што му дава уникатна енергија, е самата местоположба на манастирот, вгнезден во релативно скришно, благопријатно место, во комбинација со свежината од реката, зеленилото и сончевите зраци. Во околината се кријат прекрасни шумски патеки, низ кои додека чекорите и се искачувате постојано ќе ве следи убава сенка, спокојство и мир, проследени со слаткиот жубор на реката.

Манастирскиот комплекс го сочинуваат: добро сочувана манастирска црква од 14 век и отворен трем од 19 век, манастирски двор, две манастирски трпезарии кои се фрскописани во 14 век, конаци со убави чардаци, Параклис (помала црква посветена на Св. Ап. Марко), музеј, галерија за икони и други простории, воденица во манастирскиот двор и др.

Во манастирскиот двор се влегува низ впечатлива, стара висока врата, искована од масивно дрво, каде ќе ви заѕунат ѕвона, кои ќе ви посочат дека влегувате во некаков поинаков енергетски простор. Веднаш од десната страна започнуваат манастирските конаци и други простории, кои се распоредени како венец околу црквата свети Димитрија. Покрај конаците се наоѓа уште и фурна, казани за печење ракија, бунар со студена вода и мошне стара воденица која е сочувана како сеќавање на времето кога житото се мелело на таков начин. Меѓу зградите на конаците се наоѓа старата трпезарија, чии ѕидови биле покриени со фрескоживопис, кој настрадал бидејќи трпезаријата долго време прокиснувала. Во приземјето на оваа зграда, се наоѓала и магерницата, односно трпезаријата и други простории.

Во добрите времиња манастирот бил економски многу богат со имот и стока. Тоа овозможило да се здобие со големо културно - историско богатство: стари икони, стари ракописи и книги и многу црковни предмети. Настапиле и тешки денови за манастирот: грабежи на икони, ракописи и предмети со уметнички вредности, а не бил поштеден и од уривање и пожари. Од сè што било однесено, денес само еден мал дел се наоѓа во музејот на манастирот, а останатите работи се наоѓаат во библиотеките и музеите во Белград, Софија, Виена и Москва.

 

Над влезната порта на црквата Св. Димитриј, на јужната фасада се наоѓаат портрети на нејзините ктитори, во својата природна големина. Од десната страна е прикажан кралот Марко, облечен во кралска облека, накитена со бисери и бесценети камења. Во десната рака држи развиен свиток, од основачката повелба на манастирот, на кој е испишано: „Во Христа Бога благоверен крал Марко, го соѕидав и попишав (живописав) овој божествен храм“. Од другата страна на вратата е претставен кралот Волкашин, чија облека и лице се многу оштетени. И тој исто така, држи свиток во рацете на кој пишува: „В Христа Бога благоверени крал Волкашин“. Од натписот дознаваме дека црквата всушност била изградена во 1345 година, па обновена од кралот Волкашин, а наполно завршена во периодот на владеење на неговиот син крал Марко, меѓу 1366 и 1372 година. Историјата на манастирот ја надополнуваат и записите испишани на столбовите и на ѕидовите од црквата.

Сега, во ова духовно жариште, секој може да дојде, да се помоли, да се крсти, да се венча, да купи книга со духовна содржина, да купи икона, да слушне убави зборови за историјата на манастирот, а оној кој е жеден за Господ да биде запознаен со Христовата вера.

Манастирскиот комплекс е пријатно место за одмор, релаксација и вдишување душевен мир. Тој е особено посетуван од излетниците кои доаѓаат покрај Маркова река на 1 мај, кои велат дека водата од манастирскиот бунар е најслатка.

Во продолжение погледнете ги убавините на Маркова река и околната природа која ја краси.