Древната моќ на мегалитската опсерваторија Кокино

04.05.2015

На 35 километри од Куманово, на надморска височина од 1013 метри, од левата стана на реката Пчиња, сместена на неовулкански рид веднаш под врвот Татиќев Камен, се наоѓа мегалитската опсерваторија Кокино. Токму тука, праисториските жители одржувале разни древни ритуали и го следеле движењето на Сонцето и Месечината, свесни за поврзаноста на човекот и вселената. Тогашните жители го мереле времето и му давале почит на најголемото божество, од чијашто енергија зависел нивниот живот.

 

Како да стигнете до Кокино?

Бидејќи патот до Кокино не е баш добро означен, ќе се обидеме да ви опишеме како да ги следите знаците. Кога веќе ќе се наближувате до Кокино, ќе видите знак кој ви покажува да свртите лево.

Откако ќе свртите лево, на наредната крстосница, каде нема никаков знак, треба да завртите повторно лево, па понатаму ќе видите уште еден знак кој ќе ви посочи да свртите десно.

Од подолу прикажаниот знак има околу 20 км возење со автомобил по живописен пат.

Кога ќе го видите овој знак, се паркирате, го гасите автомобилот и вашата прошетка може да започне. :)

 

Мерење на времето во бронзено време

Опсерваторијата датира од 1800 година п.н.е., односно од бронзеното време, а се наоѓа на неовулкански рид, составен од карпи кои се создале со стврднување на лавата, која истекла од вулкански кратер. Времето и ерозијата направиле процепи, а дел од нив биле главните процепи низ кои се следеле циклусите на Сонцето и Месечината, преку кои се мерело времето. Инаку, опсерваторијата била случајно откриена во 2005 година од страна на НАСА, како редок и богат археолошки локалитет, која направила листа од 15 најстари опсерватории во светот, во која го рангирала Кокино на четвртото место.

Интересен е податокот дека некои членови на племенската заедница имале задача секојдневно да ги следат движењата на небесните тела и да прават календари за одредување на деновите на ритуалните обреди, како и за започнувањето на сезонските работи во земјоделството и сточарството. Камените маркери ги означувале местата на изгревање на Сонцето и Месечината, во периодите на рамноденица (време во годината кога траењето на денот и ноќта е еднакво) и долгоденица (деноноќието кога денот е најдолг, а ноќта најкуса), како и нивните отклони. Тие забележале дека Сонцето само на рамнодениците на 21 март и 21 септември, изгрева точно на Исток и заоѓа точно на Запад. Според маркерите е утврдено дека во древното минато овде се изработувал Лунарен календар со циклус од 19 години, во кои биле вклучени одреден број лунарни месеци со должина од 29 дена, како и лунарни месеци со должина од 30 дена. Во циклусот од 19 години, има 12 години со 12 лунарни месеци, кои се т.н. обични години и 7 години со 13 лунарни месеци, кои се престапни години.

 

Култот на плодноста врзан со Големата Мајка Божица

Пред да стане опсерваторија, Кокино најверојатно бил Света Планина на која се изведувани повеќе култови, а еден со сигурност бил присутен: култот на Големата Мајка Божица (Магна Матер), што значи Мајка на сите богови. Овој обред бил врзан за култот на плодноста, за кој се утврдени и археолошки траги. Откриени се делови од садови во неколку природни засеци на карпите. Садовите биле полни со дарови кои биле ставани во малечките јами, а потоа биле затрупувани со земја и поситен камен. Суштината на култот е доживување на планинскиот врв како тело на Големата Божица Мајка, а засеците на карпите како отвори во нејзината утроба.

 

Обредот на камените седишта познати како тронови

На долната платформа на локалитетот има изработени камени седишта, познати како тронови, кои се изработени точно во насоката север-југ. Оној којшто е свртен со лицето кон источниот хоризонт, ги набљудува настаните коишто таму се случуваат. На овој хоризонт, на врвот од карпата постои специјално изработен прецизен маркер. Обредот се случувал на средината од летото, најверојатно во последниот ден од месец јули, кога Сонцето изгрева точно во отворот на камениот маркер. Бидејќи маркерот тогаш најверојатно бил покриен, се правел ефект на силен сончев зрак, кој минувал низ горната источна платформа на локалитетот, која изгледа како поголема просторија, во која се верува дека се собирале учесниците на ритуалот. Со цел, зракот да може да падне врз еден од троновите, луѓето имале изработено засек, кој ги одделува долната од горната платформа на локалитетот.

Сончевиот зрак во обредниот ден, паѓа точно врз вториот трон, т.е. осветлувал само еден од учесниците во церемонијата. Тој најверојатно бил племенскиот старешина, кому на овој начин, божественото Сонце му ги пренесувало легитимитетот и овластувањата. Крајот на јули е периодот кога завршува жетвата, па се верувало дека во моментот на осветлувањето,  владетелот се поврзувал со Богот Сонце, што претставувало гаранција дека наредната година повторно ќе има богата жетва.

 

Вешти коњаници

Според легендите кои ги прераскажуваат околните селани, се верува дека во далечното минато во овој регион се одгледувале многу коњи, поради што имало многу вешти коњаници. Според некои тврдења пак, се смета дека голем дел од елитната коњаница на Александар III Македонски Велики, била составена од жителите на овој регион, кои повеќекратно му го спасиле животот.